drag the shapes & find balance

Instagram Reels: Најпопуларни теми

by Ивана Џаревска

Во 2020 година се запознаме со Instagram Reels, во еден од минатите блог постови споделивме зошто ни се важни, а денес, кога тие веќе се неопходен дел од комуникацијата на секој бренд, време е да се запознаеме со најпопуларните видови на Reels кои вреди да се пробаат во 2023 година.

Do It Yourself (DIY) Reels

Секогаш кога зборуваме за квалитетен content marketing нагласуваме дека на публиката е неопходно да ѝ се даде некаква вредност или да се едуцира за нешто ново. Трендот „Направи сам” почнува со модната индустрија но, сѐ повеќе се развива во сите сфери, па така веќе може да видите Instagram Reels за склопување на домашен мебел, за правење украси, одгледување на растенија итн. Идејата зад овој тренд е чекор по чекор да ѝ покажете на публиката како самите можат да креираат нешто ново, најчесто од работи кои веројатно веќе ги имаат во домот. Ова е супер можност да ги прикажете професионалноста и подготвеноста на вашиот тим, а воедно да споделите нешто од корист за целата публика. Пребарајте го хаштагот #diy и инспирирајте се, сигурни сме дека веднаш ќе почнете да собирате идеи за вашето следно DIY видео. 🙂

Instagram Reels предизвици

Не е тајна дека Reels се адаптација на TikTok видеата, па така логично следува дека и некои типови на содржина се прелеваат од една платформа на друга. Сѐ поактуелни стануваат одредени „звукови“ – сегменти од аудио записи и ли песни кои даваат предизвик што треба да се прави за време на тој звук – танц или глума. Идејата на овие Reels е воглавно – забава. Побарајте ги трендинг звуковите (trending sounds) и пробајте да се приклучите на тренд или можеби да креирате комплетно нов, сигурни сме дека многу ќе се забавувате во процесот 🙂

Instagram Reels Q&A

Како што веќе сигурно знаете, алгоритамот на Instagram им дава предност на Reels видеата, па со тоа тие стануваат прв избор за споделување на важни информации за секој бренд. Особено во ситуации каде ви е потребно директно да разговарате со вашата публика, испробајте ја можноста тоа да го направите преку Reel. Доколку темата не е нешто за кое ви е потребна директна комуникација во живо со публиката (за која ситуација имате можност за Instagram Live), соберете ги однапред прашањата и споделете ги одговорите на малку поинаков начин од тоа што сте навикнати досега.

Гласно зборување за локални и глобални проблеми

Младите генерации сѐ повеќе јасно и гласно говорат за важните теми кои ги засегаат, а истото го очекуваат и од брендовите на кои го даваат нивното внимание. Брендовите кои ги засегаат важните проблеми на нашето општество и кои активно разговараат, а потоа и прават нешто за подобрување на ситуацијата секогаш добиваат сериозна предност пред конкуренцијата. Размислете кои се темите во кои можете да дадете реален придонес и започнете дискусии во вашите Reels, сигурни сме дека ќе има позитивни реакции. Но внимавајте, само зборување на темата не е доволно, неопходна е и реална акција.

Подготвени за снимање? Време е за старт! 🙂