drag the shapes & find balance

DK 2023 Favorites

Веќе традиционално, дел од нашиот тим присуствува на Дани комуникација, конференција посветена на комуникациите, иновациите и креативноста организирана од тимот на хрватската HURA и IAB. Секоја година се враќаме побогати со знаење, мноооогу инспирација и желба да правење големи нешта, а оваа се потрудивме да ги издвоиме работите кои најмногу ни се допаднаа, со надеж дека ќе успееме да ви пренесеме малку од убавата енергија која уште нè „држи“ 🙂

Борис

Тоа што ми доаѓа прво кога ќе се спомне DK2023, дефинитивно е предавањето на Toshihiko Tanabe. Искрено, креативно и културно на сите ни „плесна“ дека си ја уништуваме индустријата со тоа што пробуваме да ги направиме брендовите нешто што не се. Не мора секој да го спаси светот или да има поголема цел. Океј е и да немаме таква. Се изнагледавме површински кампањи за општествената одговорност. Лесно се препознава која е од љубов, а која од обврска.

Ива

Rory! Уште кога ги видов најавите за конференцијата бев пресреќна што ќе може во живо да го слушаме Rory Sutherland и дефинитивно тоа ми беше хајлајтот на конференцијата. Толку многу, што имав трема пред да почне презентацијата, од страв нешто да не се искомплицира и да не се појави 😊После толку изгледани видеа од негови презентации, доживувањето беше баш тоа што го очекував. Од тезата дека погрешно ја „продаваме“ креативноста, до навидум едноставните решенија на толку комплицирани проблеми, она што ми остави најголем впечаток е поентата дека ако на некој проблем, одговорот не е дефинитивно, апсолутно „не“, тогаш има многу решенија и опции, само треба да дојдеме до нив.

Марко

Во Ровињ на Дани Комуникација е секогаш убаво. Можеби годинава имаше за нијанса послаби предавачи во однос на претходните години, но, имаше неколку и тоа како вредни за спомнување. Главна тема на овогодинешните Дани Комуникација беше AI, како функционира, каква е нашата иднина и како да живееме со оваа технологија.

Треба да се биде реален дека ова не е алатка која ќе ни биде од огромна корист на помалите земји како Македонија, особено што никој не знае дали ние ќе имаме целосен пристап до базата на информации. James Whittaker, инаку бивш вработен во Microsoft, FBI и Google со неговото предавање погоди директно во сржта. AI ќе придонесе многу луѓе да ги загубат работните места и да се пренасочат кон нови професии. Нормално, во Македонија тоа ќе оди споро затоа што кај нас случувањата од светот некогаш каснат цела декада. Но светските гиганти како Google, Amazon, META ќе можат во наредните години да го намалат сериозно бројот на вработени, на тој начин заштедувајќи милијарди долари. Сепак, за парите се работи нели? 😊  Да не бидам мрачен, AI ќе донесе и добри моменти. Особено поради тоа што за разлика од човекот, AI нема его. Комбинациите од знаења, од информации со кои ќе се полни системот ќе доведат до некои нови револуционерни решенија, до подобри резултати и секако побрзи резултати. Јас сепак сум секогаш повеќе за она „Ај да седнеме на кафе, да се видиме ко луѓе“ 😊

Бојана

Покрај Rory Sutherland, кој покрај огромното искуство и знаење освојува и со големиот ентузијазам и енергија со кои ги споделува, друго предавање кое ми е дефинитивен фаворит беше  предавањето на  „Don’t Let ‘Purpose’ Ruin Our Industry“ на Toshihiko Tanabe, поранешен креативен директор на  Dentsu Inc. Иако начинот на презентирање беше многу „посмирен“ и „лежерен“ во споредба со Rory, клучните пораки на Toshihiko беа подеднакво значајни.

Во време кога сите брендови се во постојана трка да покажат и докажат колку се грижат за различни општествени прашања, пораката на Toshihiko, преку реални примери, беше дека само убаво спакувани реклами не се доволни за да се постигнат вистински промени. Големите брендови може да потрошат милиони за кампањи кои повикуваат на различност и инклузија, но доволен е само еден клик за купувачите да откријат дека нивните менаџмент тимови и не баш ги одразуваат овие вредности. Токму затоа сите во индустријата треба да направиме еден чекор назад и да ги согледаме вистинските начини на кои можеме да го креираме светот во кој сакаме да живееме, што беше и главната порака на овогодишните Дани Комуникација😊

Уште еден од омилените моменти, Борис победи на квиз на знаење за дигитален маркетинг и поп култура 🙂