by Сања Јачевска
Постојано сме во стремеж по нови информации. Часови и часови поминуваме на социјалните мрежи, но истовремено просечниот опсег на внимание ни трае само околу 8 секунди. Од толку многу расфрлани материјали и информации на интернет, она што најмногу го задржува вниманието се кратките содржини, популарно наречени „snackable“ содржини кои лесно се читаат, слушаат, гледаат или со еден збор лесно се „голтаат“.
Освен што оваа содржина е кратка, истовремено е јасна и лесно сварлива. И неретко публиката ужива во неа. Па дури и ја бара и ја се навраќа на брендот кој ја испраќа. Овие Snackable содржини иако на прв впечаток можеби изгледаат не толку значајни, всушност се многу релевантни за градење однос и долгорочна конекција со публиката. И главно ја предизвикуваат публиката да копнее по уште еден „залак“, по уште повеќе информации.
Повеќе од очигледно е и дека snackable содржината дава голем фокус на визуелниот ефект, бидејќи публиката претпочита конзумирање на визуали наместо текст – дури и по многу-часовно скролање, тоа е содржина која се конзумира брзо и едноставно, без никаков напор. Доколку е куса, брза и scroll-stopping, значи имате содржина што може да се нарече „snackable“.
Обезбедува инстант забава или едукација, ја охрабрува публиката да ја сподели содржината на своите социјални мрежи, ѝ дава можност да се препозне во содржината, а тоа дополнително води кон поголема корист за бизнисот или брендот. Успева да го улови вниманието на публиката за време на паузи на работа, додека чекаат автобус, или имаат кратко слободно време… Како и да привлече внимание на случајни клиенти кои во моментот можеби и не се заинтересирани за услуги или продуктите на конкретниот бренд што ја праќа содржината.
Може да се обликува во форма на Reel, TikTok, инфографик, гиф, меме, анкета, story, квиз, твит… Краток и јасен текст и визуал кој има за главна цел да поттике интерес. Идејата е да создадете можност не само лесно да се прими информацијата, туку и да се предизвика љубопитство.
Сепак, не гледајте на овие на овие „snacks“ како празни калории, затоа што штом ќе ги заинтригирате следбениците, тие повторно и повторно ќе сакаат да бидат во тек со она што сакате да им го кажете. Супер споредба за „snackable content“ е трејлерот за филм. Навестува на содржината, но сепак сакаш да го изгледаш цел, гладна си за повеќе информации.
И покрај тоа што кратките содржини се поефективни, не значи дека долгите форми не се важни. Долгата форма игра сосема поинаква улога во патувањето на купувачот. Неопходна е од многу причини. Дава подобри, подетални резулатати при пребарување за брендот. Важна е за воспоставување авторитет на брендот и помага да се упати купувачот кон крајната продажна станица. „Snackable content“ е само мамка за прицврстување на сообрааќајот со долгите содржини.